Корисничко име Лозинка Пријави се
04.9.2017

Мекларен на чекор од раскинување на договорот со „Хонда“

Екипата на Формула 1 Мекларен е на чекор од раскинување на договорот со снабдувачот на мотори „Хонда“, денес пренесоа британските медиуми.

„Скај спорт“ наведе дека Мекларен одлуката за раскинување на соработката би можело да ја соопшти уште оваа седмица.
Не се знае дали Мекларен ќе соопшти кој ќе биде новиот партнер на екипата.
Според изворот, многу е веројатно возачот Фернандо Алонсо да остане во екипата на Мекларен и наредната сезона.
Ниту Алонсо ниту Стофел Вандорн не ја завршија вчерашната трка во Монца, а Мекларен е разочаран од таквиот исход.
„Мораме да станеме поконкурентни. Овој викенд во Италија покажа дека не сме направиле значаен напредок“, изјави Зек Браун, директорот на Мекларен.
Челниците на Мекларен во текот на викендот имале неколку состаноци со луѓето од „Рено“. Француската компанија, која со мотори снабдува три екипи во Формула 1, неволно ја разгледува можноста на новиот купец.
Алонсо минатата година во повеќе наврати јавно го изрази незадоволството од моторот на „Хонда“ и најави дека ќе си замине од Мекларен ако не му обезбедат конкурентно возило.
Шпанецот во текот на летото го ублажи ставот, а во текот на викендот изјави дека ќе разговара со челниците на екипата околу очекувањата за наредната година.
Браун изјави дека преговорите за новиот договор со Алонсо одат добро и дека очекува дека двократниот светски шампион ќе остане во екипата.
„Мислам дека тоа е многу веројатно. Тој сака да биде во Формула 1 и сака да бидеме поконкурентни“, изјави Браун и додаде дека не ја исклучува можноста Алонсо да остане во екипата дури и ако се продолжи партнерството со „Хонда“.

Најнови вести