Корисничко име Лозинка Пријави се
31.8.2017

Фернандо Љоренте и Серж Орие во Тотенхем

Тотенхем од Лондон го победи градскиот ривал Челзи во трката за потпис на Фернандо Љоренте, напаѓачот на Свонси, а во последниот ден од летниот преоден рок „петлите“ ги засили и Серж Орие од ПСЖ.

Искусниот триесет и деветгодишен фудбалер од Свонси ќе направи трансфер во Тотенхем за 16 милиони евра, пренесе Би-би-си.
Челзи се надеваше дека работата со Љоренте е завршена, посебно што високиот Шпанец соработуваше со менаџерот Антонио Конте во Јувентус, но шампионот на Англија остана и без вториот напаѓач ова лето, по Ромелу Лукаку.
Свонси подготви замена за Љоренте, и тоа еден од двајцата повратници – Нелсон Оливеира од Норвич или Вилфрид Бони од Манчестер сити.
Љоренте зад себе има големо искуство, играше за Атлетик Билбао, Јувентус и Севилја, а минатата сезона со 15 голови му помогна на Свонси да избегне испаѓање од Премиер лигата.
За репрезентацијата на Шпанија одигра 24 натпревари, постигна седум погодоци и беше дел од тимот кој ја освои светската шампионска титула во Јужна Африка 2010 година.
Серж Орие, десниот бек од Брегот на Слоновата Коска, со Тотенхем потпиша петгодишен договор, а во тимот на Маурисио Покетино ќе го носи дресот со број 24.
Дваесет и четиригодишниот дефанзивен играч потекнува од францускиот Ленс, а потоа играше за Тулуз и за ПСЖ од 2014 година.
Орие на „Паркот на принцовите“ два пати го освои шампионатот на Франција, и по три пати Лига купот, Купот на Франција и Суперкупот на Франција.
Во најдобриот тим на Лига 1 беше во 2014 и во 2016 година, но имаше и непријатно однесување бидејќи на Интернет се појави видеоснимка во којашто ги навредуваше тренерот Лоран Блан и соиграчите. Исто така, против него се води судски процес поради напад на полицајци во Париз.
Серж Орие ова лето беше поврзуван со Манчестер јунајтед, но Жозе Мурињо, менаџерот на „црвените ѓаволи“, ги демантираше тие наводи.

Најнови вести