Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2017

Јаневски: Ваков успех не може да се купи со пари

Фудбалерите на Вардар вчера продолжија да ја испишуваат историјата. Со победата и во реваншот против Фенербахче, Вардар се пласира во групната фаза на Лигата на Европа. Токму онака како и што најави тренерот Чедомир Јаневски.

„Мислам дека го заслуживме успехот кој ни се случи. Им честитам на моите играчи коишто си обезбедија место во историјата на нашиот клуб. Вардар две години по ред беше блиску до пласман во групната фаза, а оваа година го направи и тој завршен чекор. Знаевме како треба да играме против Фенербахче и така и се подготвувавме за натпреварот во Истанбул. Имавме две шанси, но нашиот противник прв даде гол. Потоа знаевме дека контранападите се наша шанса. Така и беше. Постигнавме два гола за оваа голема победа. Ова за нас е историска вечер, го направивме најголемиот успех, и тоа не е успех само на Вардар, туку на целокупниот македонски фудбал“, изјави тренерот Чедомир Јаневски по натпреварот.
„Не знам колку пари ќе добиеме за пласманот во Лигата на Европа, но знам дека ваква победа и ваков успех не можат да се купат со пари. Ова е успех на целиот тим во којшто искрено верував и кој веруваше во мене и заедно дојдовме до она што го заслуживме. Исто така, тоа се однесува и на раководството на клубот и на нашиот претседател Самсоненко, кој има голем удел во нашиот успех“, изјави Јаневски.

Најнови вести