Корисничко име Лозинка Пријави се
24.8.2017

Победнички Вардар во Истанбул: Прв македонски тим во Лигата на Европа!

Фудбалерите на македонскиот шампион Вардар направија историски успех откако вечерва повторно го победија Фенербахче, овој пат на гости со 2-1 и се изборија за пласман во групите од Лигата на Европа.

Во реванш натпреварот на „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул Вардар го победи турскиот гигант Фенербахче со 2:1 и со вкупни 4:1 избори место меѓу 48-те екипи кои ќе играат во групите од Лигата на  Европа. 
Вардар е првата македонска екипа што ќе игра во групите на натпреварувањата на УЕФА.
Во првиот дел домашниот тим имаше иницијатива, но најдобрата шанса ја имаше Вардар преку Тигран Барсегјан, кој го погоди дирекот на голот на домаќинот. 
Фенербахче поведе со 1:0 со голот на Роман Нојштадер 61-ата минута, но Вардар по седум минути го израмни резултатот со голот на Џамбул Џигаури и ги „откажа“ домашните на кои за пласман во тој момент им беа потребни четири голови. 
Во продолжението Барсегјан имаше уште една шанса, но овојпат пречката го спаси голманот на Фенербахче Карлос Камени. Голот за големата победа за „црвено-црните“ го постигна Никола Глигоров во судиското продолжение на натпреварот.
Избраниците на Чеде Јаневски со вкупни 4:1 (2:0 по првиот дуел во Скопје) го елиминираа Фенербахче и сосема заслужено го направија најголемиот успех на македонскиот клупски фудбал и изборија место во групите од Лига Европа. 
Извлекувањето на групите ќе се одржи утре во Нион со почеток во 13 часот.

Најнови вести