17.8.2017 Барселона: Кутињо доаѓа за неколку дена!
Усман Дембеле, фудбалерот на Борусија од Дортмунд, и Филипе Кутињо од Ливерпул се блиску до трансфер во Барселона, изјави Пеп Сегура, генералниот менаџер на шпанскиот клуб.
„Мораме да ѝ помогнеме на екипата со засилувања, а Дембеле и Кутињо ќе дојдат во наредниве неколку дена. Разговараме со нив за условите, многу се блиску до трансфер. Се надеваме дека ќе бидат фудбалери на Барса од оваа сезона“, изјави Сегура за шпанската телевизија.
Ова е прв пат некој од челниците на Барселона јавно да изрази интерес за Дембеле и за Кутињо, чии клубови не сакаат да ги пуштат да одат во Шпанија.
Борусија Дортмунд и Ливерпул претходните денови соопштија дека ги одбиле понудите на Барселона за нивните играчи. Летниот преоден рок завршува на 31-ви август.
Дембеле (20) е во судир со неговиот клуб, кој го суспендираше поради тоа што не се појавил на тренинг, бидејќи, наводно, во Барселона преговарал за трансфер.
Кутињо (25) преку електронска пошта побарал од клубот да го стави на листата за трансфери, а Ливерпул ја одбил понудата на Барселона од сто милиони евра. Бразилецот закрепнува од повредата на грбот и не играше во последните два натпревари за англискиот клуб.