Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2017

Саутхемптон доби кинески газди

Кинескиот бизнисмен Ѓишенг Гао е новиот мнозински сопственик на фудбалскиот клуб Саутхемптон. Гао за 200 милиони фунти купи 80 отсто од акциите од досегашната сопственичка Катарина Либхер.

Германката подолго време бараше купец за клубот кој во 2009 година го купи нејзиниот татко Маркус, една година пред да почине.
Саутхемптон во меѓувреме од третиот ранг стигна до Премиер лигата и стана стабилен член на елитното натпреварување.
Како што пренесуваат англиските медиуми, 64-годишниот Ѓишенг ќе го испрати неговото единствено дете, ќерката Нели, да ја преземе клучната улога во управниот одбор. Нели во текот на преговорите воспоставила пријателски односи со досегашната сопственичка.
„Горд сум што станувам партнер на Катарина Либхер во овој одлично воден клуб, кој уште нејзиниот татко го постави на здрави нозе. Клубот напредува и расте. Заеднички ќе вложиме страст и мотивација за да го продолжиме фантастичниот напредок на овој клуб и да отвориме ново возбудливо поглавје“, изјави Ѓишенг.
Гао Ѓишенг богатството го стекнал како градежен изведувач. Неговото доаѓање го продолжува трендот на влез на кинески капитал на европскиот фудбалски пазар.
Сега шест англиски клубови мнозински се во кинеска сопственост, Вест Бромич албион, Бирмингам, Астон вила, Вулверхемптон, Ридинг, Нортхемптон, а 13 отсто од акциите на Манчестер сити се во кинеска сопственост. Вкупно во Европа Кинезите држат 28 клубови, а се проценува дека во рок од еден месец уште еден британски клуб ќе премине во нивна сопственост.

Најнови вести