Корисничко име Лозинка Пријави се
28.6.2017

Кинеските милиони најбрзи – Обамејанг кај Пато и Вицел?

Пјер-Емерик Обамејанг, фудбалерот на Борусија од Дортмунд, во последно време се поврзува со ПСЖ, Ливерпул и Манчестер сити. Но, судејќи според сè, Габонецот кариерата ќе ја продолжи во Кина.

Германскиот „Билд“ наведува дека 28-годишниот фудбалер ќе игра за Тијанџин, во кого би заработувал 30 милиони евра годишно. Иако Борусија сè уште не добила конкретна понуда, германските медиуми наведуваат дека е само прашање на време кога ќе дојде до тоа.
Неодамна востановените правила во Суперлигата на Кина кои се однесуваат на трансферите  би можеле да ја отежнат реализацијата на трансферот на Обамејанг.
Доколку оштетата која клубот ја плаќа за играчот изнесува повеќе од шест милиони евра, исто толку пари мора да бидат вложени во развојната програма на Фудбалскиот сојуз, што за клубот е двоен трошок.
Но, изгледа дека сопственикот на Тијанџин, мултимилијардерот Шу Јухуј, сака да го ангажира Обамејанг по секоја цена. Членови на овој клуб се Алешандре Пато и Аксел Вицел.
Управата на Борусија е јасна дека најдобриот стрелец на Бундеслигата нема да го пушти да си оди за износ под 70 милиони евра, а „Билд“ понатаму наведува дека Кинезите подготвуваат понуда тешка дури 80 милиони.
Со Обамејанг договорот, наводно, е постигнат.

Најнови вести