Корисничко име Лозинка Пријави се
27.6.2017

Матиќ во Манчестер јунајтед како трет избор на Мурињо

Немања Матиќ речиси е извесно дека ќе стане нов играч на Манчестер јунајтед, но англиските медиуми пишуваат дека Жозе Мурињо во него нашол утеха за неуспешните трансфери.

До реализација ги делат само лекарските прегледи, Јунајтед за играчот за врска на Челзи би требало да плати речиси 46 милиони евра, а Матиќ на „Олд Трафорд“ ќе заработува околу девет милиони годишно.
„Телеграф“ дознава дека првите две желби на Мурињо биле Ерик Дајер од Тотенхем и Раџа Најнголан, фудбалерот од средината на теренот на Рома, но челниците на „црвените ѓаволи“ не вложиле доволно напор за да ги доведат.
Поради тоа, овој весник тврди дека менаџерот на Јунајтед е дополнително фрустриран од неуспешното лето, бидејќи претходно клубот остана без Антоан Гриезман – Французинот одлучи да го продолжи договорот со Атлетико Мадрид откако УЕФА на шпанската екипа ѝ ја потврди забраната за трансфери.
Мурињо го врати Матиќ во Челзи во 2014 година од Бенфика, но тие двајца во периодот поминат на „Стемфорд бриџ“ имаа бројни несогласувања. Кулминацијата стигна во познатата катастрофална сезона, по која беше и отпуштен, кога Немања го замени само по 27 минути на натпреварот со Саутхемптон (пораз со резултат 3-1).
Момчето од Врело кај Уба ќе го облече легендарниот црвен дрес, ќе стане најскапиот и најплатениот српски фудбалер, додека Челзи како замена ќе го доведе Темуе Бакајоко од Монако. „Сините“ со оваа работа ќе заработат малку помалку од шест милиони евра.
Тотенхем ја одби понудата вредна повеќе од 55 милиони евра за Дајер, а од останатите желби на Жозе најреална  е да се доведе Алваро Мората од Реал Мадрид.
Тој трансфер ќе изнесува повеќе од 70 милиони евра, додека сè уште се чека расплетот околу Фабињо и Иван Перишиќ.
На „Театарот на соништата“ стигна Виктор Линделоф од Бенфика.

Најнови вести