Корисничко име Лозинка Пријави се
23.6.2017

Младите фудбалски надежи со пораз го завршија настапот во Полска

Македонија загуби од Португалија со 4-2 во последниот натпревар од Групата Б на Европското првенство.

Македонската селекција со вториот пораз го заврши настапот на Европското првенство за фудбалери до 21 година во Полска.
Нашите репрезентативци не ѝ дозволија на Португалија да дојде до посакуваната победа од три гола разлика со која ќе конкурираше за најдобра второпласирана репрезентација која би можела да се пласира во полуфиналето.
Натпреварот почна лошо за Македонија и по само две минути од нафрлена топка од корнер Едгар Ле ја доведе Португалија во водство од 1-0.
По постигнатиот гол Португалија продолжи со доминацијата на теренот, па во 22-ата минута Брума со убав гол ја зголеми предноста на 2-0.
Сепак македонските репрезентативци не потклекнаа целосно под силниот налет на Португалците и на пет минути пред крајот на првиот дел Енис Барди постигна прекрасен гол од далечина за 2-1 и враќање на резултатската неизвесност. 
 Во второто полувреме нашата репрезентација заигра подобро, но во 57-ата минута по убава асистенција од Медеирош, Поденсе стрелаше прецизно за водство на противникот од 3-1.
Португалија продолжи со отворена игра за да ја зголеми предноста на три гола, а Македонија од контра напади се обидуваше да постигне нов погодок.
Во 80-ата минута Елмас убаво му асистираше на Кире Маркоски кој постигна гол за намалување на резултатот на 3-2.
До крајот на натпреварот и двете репрезентации продолжија во ист ритам. Португалија атакуваше кон убедлива победа, но успеа само уште еднаш да ја затресе нашата мрежа. Брума во 92-ата минута ги постави конечните 4-2.
Македонија го заврши настапот на Европското првенство со еден освоен бод и четири постигнати гола, но нашите фудбалски надежи не разочараа и покажаа добадлив фудбал и дека можат да се носат со најсилните селекции на континентот.
Португалија и покрај победата е елиминирана полуфиналната фаза, има шест освоени бодови како и Словачка во Групата А, но и послаба гол разлика.
Во вториот натпревар од нашата група Шпанија со гол на Суарез ја победи Србија со 1-0 и со максимални девет бода од три средби се пласираше во полуфиналето.

Најнови вести