Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2017

Мареј подготвен за одбрана на тронот: Финалето во голем стил

Првиот тенисер на светот Енди Мареј засилено тренира на тревните терени во рамките на подготовките за претстојниот турнир во Квинс.

Британецот во Лондон работеше со тренерот Иван Лендл, а посебно внимание им посвети на волеите.
По завршувањето на Ролан Гарос, каде што беше елиминиран од Станислас Вавринка во полуфиналето, Британецот изрази надеж дека на тревата ќе почне да напредува и дека ќе оствари добри резултати.
„Успеав да си ја вратам формата, но не знам колку сум блиску до она ниво на коешто бев на крајот на минатата година. Бев блиску до финалето на Грен слем, што ќе биде добра основа за она што ме очекува. Често добрите партии на земјата ми помагале да бидам подобар на тревата. Но работите се менуваат од ден на ден. Ќе се трудам повеќе да нема грешки во подготовките за турнирот и се надевам дека годината ќе ја завршам во голем стил“, изјави Мареј.
Од почетокот на годината Британецот не бележеше резултати какви што се очекуваа од него, па се најде во ситуација по Вимблдон, каде што ја брани титулата, да може да ја изгуби и водечката позиција на АТП-листата, доколку Рафаел Надал триумфира на терените на Ол Ингланд клуб.
Пред почетокот на третиот Грен слем во сезоната, Мареј, како актуелен шампион, ќе се натпреварува на турнирот во Квинс, кој ќе се игра од 19-ти до 25-ти јуни.

Најнови вести