Корисничко име Лозинка Пријави се
23.5.2017

УЕФА уверена, финалето на Лигата на Европа безбедно

Европската фудбалска унија денес соопшти дека не добила индикации коишто би можеле да укажат на терористички напад на натпреварот од финалето на Лигата на Еропа во Стокхолм.

УЕФА изрази сочувство до семејствата на загинатите во експлозијата по завршувањето на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер, во којашто загинаа 22 лица, а беа повредени 59.
„Моментно немаме посебни известувачки податоци коишто би можеле да укажат на можен терористички напад на натпреварот од финалето на Лигата на Европа. УЕФА со месеци тесно соработува со властите и со Фудбалскиот сојуз на Шведска, а од самиот почеток на проектот го зедовме предвид и ризикот од терористички напад“, се наведува во соопштението на УЕФА.
Финалниот натпревар од Лигата на Европа меѓу Манчестер јунајтед и Ајакс се игра денес, од 20.45 часот во Стокхолм.
„Во Шведска се воведени дополнителни безбедносни мерки и по нападот во Стокхолм во април. Поради големите безбедносни мерки, УЕФА ги повикува навивачите што порано да дојдат на стадионот бидејќи на влезовите ќе има детални прегледи, коишто би можело да го забават влегувањето на навивачите“, пишува во соопштението.
Александер Чеферин, претседателот на УЕФА, им изрази сочувство на семејствата на загинатите.
„Тажен сум поради ужасниот терористички напад во Манчестер. Шокиран сум од тоа што многу невини луѓе ги изгубија животите“, изјави Чеферин.
Во Стокхолм минатиот месец загинаа петмина луѓе кога камион влета во толпа во преполната пешачка зона.

Најнови вести