Корисничко име Лозинка Пријави се
16.5.2017

Бебето јуниор го засили Спортинг од Лисабон

Бразилскиот офанзивен играч Матеус Оливеира , многу попознат како син на легендарниот Бебето, направи трансфер од Есторил во Спортинг од Лисабон.

Матеус е роден на седми јули 1994 година, а неговиот татко доаѓањето на свет на синот го прослави само два дена подоцна, во четврт-финалето на Светското првенствово САД, кое го освои Бразил. Бебето тогаш беше стрелец во победата над Холандија со 3-2, а неговата реакција по голот е една од незаборавните слики од Мундијалот.
Прославата на Бебето со лулање во колепка покрај Ромарио и Мазињо, таткото на сега прочуените Рафиња и Тијаго Алкантара, остана во длабоко сеќавање на сите оние кои го следеа шампионатот во САД.
По 23 години, Матеус, синот на Бебето, потпиша петгодишен договор со Спортинг, а како што пренесуваат португалските медиуми, во договорот ќе има и откупна клаузула од 60 милиони евра.
Бебето во кариерата играше за повеќе бразилски клубови, додека во Европа беше член на Депортиво од Ла Коруња и на Севилја. Кариерата ја заврши во Ал-Итихад, а подоцна беше тренер на бразилската Америка.
Матеус кариерата ја почна во Фламенго, а претходните две сезони ги помина во Есторил.

Најнови вести