Корисничко име Лозинка Пријави се
08.5.2017

Ивановски прв Македонец кој победил на Скопскиот маратон

Вчера во Скопје се одржа 11-тото издание на Скопскиот маратон, на кој учество зедоа рекордни 8.500 маратонци од 50 држави.

Дарко Ивановски, најдобриот македонски атлетичар, со време од 1:11.27 стана првиот Македонец кој победил на полумаратонот во рамките на Скопскиот маратон. За Ивановски, кој е поддржуван од Sport Life обложувалници, ова е втора победа на полумаратонската трка пролетва, по онаа во Белград на 22-ри април.
Втор на „малиот“ маратон е Атанас Анчевски со 1:14.10, а трет Милош Ранчиќ со време 1:16.07 .
Неговиот тренер Игор Јакимовски ја трчаше маратонската трка и заврши на одличното деветто место во генералниот пласман со време 2:53.05, трет од македонските натпреварувачи, а убедливо прв во категоријата со возраст над 40 години.
Ивановски и Јакимовски, поддржувани од Sport Life обложувалници, ќе продолжат да „бркаат“ норма за настап на Светското првенство во Лондон годинава, а веќе следниот викенд Јакимовски ќе трча на полумаратонот во Приштина, а Ивановски ќе стартува на пет километарската трка.
Кениецот Кипротич Кируи е победникот на Скопскиот маратон, делницата од 42 километри ја истрча за 2:12.59. Ова е негова втора победа во Скопје, триумфираше и лани, тогаш со рекордно време, 23 секунди подобро од вчерашниот резултат.
Втор беше Кениецот Едвин Кипруто Кирава, а трет Мозес Кируто Дибре. Најдобар Македонец на маратонот беше Александар Кирајџиев, тој го освои шестото место со време од 2:41.38.
Во женска конкуренција победи Стела Барсосио од Кенија, со време од 2:33.43. Втора беше Салина Џебет, трета Гледис Бивот.



Најнови вести