Корисничко име Лозинка Пријави се
28.4.2017

Баерн го откупи Коман од Јувентус

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен го откупи Кингсли Коман од Јувентус за 21 милион евра и ја продолжи соработката со него до 2020 година.

На Коман на крајот на сезоната му истекуваше двегодишниот заем од „старата дама“, а „баварците“ ја искористија опцијата да го продолжат неговото останување на „Алијанц арената“.
„Кингсли е важна основа за иднината на нашиот тим, така што одлучивме да го откупиме. Играчот е со голем потенцијал. Убедени сме дека многу ќе ни помогне во наредните години“, изјави Карл-Хајнц Румениге, извршниот директор на Баерн.
Францускиот фудбалер кариерата ја почна во ПСЖ и стана најмлад фудбалер во историјата на Лига 1 во моментите кога дебитираше за „светците“ на 16 години, осум месеци и четири дена. Но, не го продолжи договорот со ПСЖ и пред три години направи трансфер во Јувентус, а во Минхен стигна во 2015 година.
Иако во текот на неговата прва година во Баерн ги исполни сите очекувања, 20-годишниот Коман помалку играше во досегашниот дел на сезоната.

Најнови вести