Корисничко име Лозинка Пријави се
24.4.2017

Вардар триумфално во Флензбург, блиску до Ф4

Македонскиот ракометен шампион Вардар сега е поблиску од кога било до учество во завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн.

Шампионот на Македонија го победи Флензбург на негов терен со 26-24 (15-9) и сега е во одлична позиција пред реваншот во Скопје во четврток, а Вардар и Металург досега немале предност по првиот одигран натпревар од четврт-финалето на ракометната Лига на шампиони.
И покрај позитивниот резултат од Флензбург, сепак тренерот Раул Гонзалес изјави дека не треба толку рано да се слави.
„Мора да бидеме свесни дека ова е само првото полувреме. Флензбург игра многу брзо и убаво и очекувам да биде така и во Скопје. Ние одигравме одлично прво полувреме, особено во одбраната, а Штербик беше совршен на голот. Но, видовте како Флензбург се врати во вториот дел и успеа да намали“, изјави Гонзалес.
Флензбург во натпреварот бркаше големо заостанување, дури од седум погодоци, па би требало да биде задоволен со конечниот резултат од минус два гола.
Во првото полувреме ракометарите на Вардар одиграа одлично, иако играа без Игор Карачиќ, а беа самоуверени и стабилни во текот на целиот натпревар. Но, најмногу придонесе извонредната партија на Арпад Штербик, кој на крајот имаше 16 одбрани.
„Одигравме добро вечерва, сите во тимот. Ова е само првиот дел, сега сме само 50 отсто поблиску до Фајнл форот. Знаеме дека и во Скопје ќе биде тешко. Флензбург има добра екипа и затоа верувам дека нè очекува уште еден неизвесен натпревар“, изјави Алекс Душебаев, кој постигна пет гола, колку и Циндриќ и Дибиров. 
Вардар во Германија покажа дека има квалитетот за пласман меѓу четирите најдобри и сега останува тоа да го потврди и на реваншот во Скопје.

Најнови вести