Корисничко име Лозинка Пријави се
30.3.2017

Големата четворка заедно во Мадрид

Организаторите на Мастерс во Мадрид го објавија списокот на најавените учесници на престижниот турнир, а меѓу нив се наоѓаат и сите членови на неформалната голема четворка на светскиот тенис – Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј, Роже Федерер и Рафаел Надал.

Четвртиот Мастерс во сезоната се игра во Мадрид од седми до четиринаесетти мај, а наградниот фонд е 5.439.350 евра, а титулата ја брани вториот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, кој минатата сезона во финалето го совлада Енди Мареј со 6:2, 3:6, 6:3.
Мастерс во Мадрид оваа година ќе го има 16-тото издание, а интересно е тоа што четворицата најдобри тенисери во изминатата деценија досега триумфираа 11 пати. Ѓоковиќ беше успешен и во 2011, Мареј во 2008 и во 2015, Федерер во 2006, 2009 и во 2012, додека Рафаел Надал титулата ја освои четири пати (2005, 2010, 2013, 2014).
Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ, првиот и вториот тенисер на АТП-листата, моментно се на боледување, бидејќи и двајцата закрепнуваат од повреда на лакотот.
Рафаел Надал, кој е седми на светот, моментно е на турнирот во Мајами, каде што во полуфиналето игра против Фабио Фоњини, додека Роже Федерер, светскиот број шест, игра во четврт-финалето против Томаш Бердих.

Најнови вести