Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2017

Колман успешно опериран

Мартин О’Нил, селекторот на фудбалската репрезентација на Ирска, изјави дека операцијата на Шемус Колман поминала успешно.

„Во саботата му беше извршена операција и беше успешна. Сфати сè што се случи и многу е разочаран. Ќе биде потребно време за целосно да закрепне. Докторите се многу, многу задоволни од тоа како поминала операцијата на двојната фрактура на ногата“, изјави О’Нил.
На натпреварот од групата Д во квалификациите за Светското првенство во петокот меѓу Ирска и Велс, Нил Тејлор, левиот бек на Велс, остро стартуваше над Колман и притоа на две места му ја скрши десната нога.
„Последен пат го видов по натпреварот, ден пред операцијата и тогаш беше многу шокиран и вознемирен. Сега е време за закрепнување. Ова е тежок удар за него, имаше феноменална сезона во клубот, но и во репрезентацијата како наш капитен“, додаде селекторот на Ирска.
Стартот беше толку сериозен, што режисерот на преносот не ја пуштил забавената снимка.
О’Нил изјави дека не знае колку време ќе му биде потребно на Колман за целосно да закрепне.
„Не знам колку долго ќе закрепнува, можам само да нагодувам. Дури ниту докторите не можат да проценат. Некогаш повредата се комплицира и закрепнувањето може да потрае. Силно е мотивиран и одлучен во желбата што побрзо да закрепне, а тоа понекогаш помага во таквите ситуации“, изјави О’Нил.

Најнови вести