22.3.2017 Мурињо: Денешните фудбалери се детишта
Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, изјави дека смета дека современите фудбалери не се мажишта како некогаш и дека има многу промени само за десет години.
Мурињо со тренерска работа се занимава од 1994 година, кога стана асистент во Порто. Во меѓувреме имаше можност да соработува со многу фудбалери, чиј карактер со време стана детски и незрел.
„Јас морам да го прифатам новото време и новите фудбалери. Морам да разберам дека има разлика во работата со момче каков што некогаш беше Френк Лампард, кој на 23 години веќе беше мажиште, знаеше што е работа, фудбал и професионализам, и сегашните млади фудбалери, коишто и понатаму се деца“, изјави Мурињо.
„Тие се деца, а не мажи. Тие се детишта и сето она што ги опкружува не ни помага ниту нив ниту мене во работата. Но јас морам да се навикнам на сето тоа. Пред десет години ниту еден фудбалер немаше мобилен телефон во соблекувалната, тоа сега не е така“, додаде Португалецот.
Делува како Мурињо да се повлекол пред налетот на младите сили.
„Морате да се адаптирате, бидејќи ако се борите против тоа, ризикувате да предизвикате конфликт и себеси да се испратите во камено доба. Дури и ако ги спречите играчите во некоја мала, глупава работа на социјалните мрежи, вие одите против природата. Признавам дека тоа што имам син и ќерка во тие години многу ми помогна да разберам како функционира денешниот свет. Технологијата ни даде многу нови алатки. Модерноста и науката исто така. Но гледано од позицијата лидер, клучот е во познавањето на луѓето со коишто работите“, изјави Мурињо.