22.3.2017 Рикардо: Помалку од пола секунда сме зад Мерцедес
Даниел Рикијардо, возачот на Ред Бул, изјави дека неговиот тим направил голем напредок меѓу двете сезони и дека дошол на околу половина секунда до Мерцедес.
Австралиецот изјави дека програмата за тестирања на австрискиот тим била најдобра откако дошол во Ред Бул, но дека вистинскиот однос на силата ќе се знае кога ќе стартува сезоната во недела, на патеката „Алберт парк“.
„Впечатокот на тестирањата е дека разликата е помала од пола секунда. Не сум сигурен колку помала, но е помалку од пола секунда“, изјави Рикијардо.
Тој исто така се обиде да ја намали загриженоста во врска со сигурноста на моторот на Рено, а дека брзините коишто ги постигнале Макс Ферстапен и тој зборуваат многу.
„Имав неколку тресења во текот на тестирањата, но ништо драматично. Кога ќе погледнам наназад неколку години, откако сум во овој тим, никогаш не сме имале совршени тестирања. Верувам дека дури оваа сезона беше најдобра што се однесува на тестирањата. Знаеме дека може да се направи пресврт на работите. Сетете се само на трката во 2014 година, заборавете на резултатот, дури и сигурноста беше импресивна, кога ќе земеме предвид како се покажавме на тестирањата. Ништо не ме загрижува, сешто може да се случи во текот на сезоната, морате да бидете подготвени за тоа, но имаме голема самодоверба“, изјави Рикијардо.
Овогодишниот шампионат на Формула 1 стартува со Големата награда на Австралија.