Корисничко име Лозинка Пријави се
27.2.2017

Работеше во Барса, Баерн и во Арсенал, сега ќе го преземе Волфсбург

По лошата серија, сметката ја плати Исмаел, а сега „волците“ добија нов шеф на стручниот штаб.

Како што пренесува германскиот „Кикер“, нов тренер на Волфсбург е Андриес Јонкер.
Овој стручњак од Холандија нема многу искуство во самостојно предводење клубови, но има богато искуство зад себе бидејќи во текот на неговата тренерска кариера работеше како помошник во Баерн, како и во Волфсбург, кого сега го презема, а до неодамна беше и шеф на фудбалската академија на Арсенал.
Јонкер најпрвин работеше во младинските категории на Холандија, потоа работеше како асистент во Волендам, а во 1999 година го презеде и местото шеф на стручниот штаб во тој тим.
На таа позиција се задржа една година, на три години се врати во стручниот штаб на младинската селекција на „лалињата“, а една сезона во тој период помина и како еден од помошниците на Луис ван Хал во екипата на Барселона.
Следно работеше како шеф на стручниот штаб на МВВ Мастрихт, а потоа беше асистент, подоцна и главен тренер во Вилем 2, додека од 2009 до 2011 година повторно беше во стручниот штаб на Луис ван Хал, овој пат во екипата на Баерн од Минхен.
Кога Ван Хал го напушти кормилото на „баварците“, Јонкер кратко ја вршеше и улогата в.д. тренер на „Алијанц арената“.
Потоа беше прв тренер на резервната екипа на Баерн, а од 2012 до 2014 година беше помошник на Феликс Магат во редовите на тимот од „Фолксваген арената“.
Последниот ангажман го имаше во Арсенал, каде што работеше како шеф на фудбалската академија на „топчиите“.
„Волците“ моментно се наоѓаат на 14-тото место на табелата на Бундеслигата, само со два бода повеќе од првиот тим под линијата, па останува да се види дали Јонкер ќе може да ги задржи во елитниот ранг, каде што му е и местото на клуб каков што е Волфсбург.

Најнови вести