Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2017

Алвес: Во Барселона беа непристојни и неблагодарни

Дани Алвес, десниот бек на Јувентус, го критикуваше неговиот поранешен клуб Барселона и изјави дека Каталонците не знаат да ги третираат играчите.

Бразилецот во текот на осумте години поминати на стадионот „Камп ноу“ освои 23 трофеи, а во интервјуто за Еј-би-си изјави дека никој во Барселона не разговарал со него за нов договор додека ФИФА во 2014 година не му забрани на клубот да регистрира нови играчи поради кршење на правилата.
„Ми се допаѓа кога сум сакан и си заминувам ако не ме сакаат. Во последните три години постојано слушав ’Алвес си оди’, но никој од менаџментот никогаш ништо не ми рече. Беа непристојни, лажни и неблагодарни, ми понудија продолжување само поради казната на ФИФА“, изјави 33-годишниот Алвес и додаде:
„Ја заиграв нивната игра и потпишав договор кој вклучуваше клаузула според која можам да си одам бесплатно по една година, така им возвратив. Луѓето коишто ја водат Барселона немаат поим како да ги третираат своите играчи“.
Алвес, исто така, изјави дека смета дека навивачите се премногу критични кон играчите, бидејќи го исвиркуваа нивниот тим во текот на натпреварот со Леганес (победа 2-1). Бразилецот проблемот го гледа во новинарите.
„Дел од вината носат и медиумите, не сакам кога измислуваат работи, манипулираат и креираат лошо расположение. Заинтересирани се единствено за морбидност, а не за вистината – мора да нè почитуваат бидејќи зад секој фудбалер стои човечко суштество“, изјави Алвес.

 

Најнови вести