Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2017

Енрике: Каков крај на ерата кога сме во три натпреварувања?

Луис Енрике, тренерот на Барселона, изјави дека е свесен за тешката ситуација во која се наоѓа неговиот тим, но смета дека тоа не е крај на ерата на каталонскиот гигант.

Барселона е на раб на елиминација од Лигата на шампионите по дебаклот во Париз со 4-0 против ПСЖ, додека вчера едвај го совлада Леганес во Ла Лига, со 2-1 со голот на Лионел Меси од пенал во последната минута од натпреварот.
„Не би рекол дека ова е крајот на една ера на клубот, како што велите вие новинарите, бидејќи тоа само песимисти можат да го кажат. Играме уште во три натпреварувања, каков крај на ерата? Вистина е дека во Лигата на шампионите сме во исклучително тешка ситуација. Натпреварот со ПСЖ секој ден ми е во главата, но има уште да се игра. Мораме да се обидеме да направиме што повеќе можеме до крајот на сезоната и никоја моја одлука нема да влијае врз тимот“, изјави Енрике.
Сè почесто се шпекулира околу тоа дека Енрике на крајот на сезоната ќе ја напушти клупата на Барселона, но тој изјави дека сè уште нема донесено одлука за неговата иднина.
Барселона заостанува со еден бод зад лидерот на првенството, Реал Мадрид, кој има два натпревари помалку, а во следното коло гостува кај Атлетико Мадрид.
Пред реваншот со ПСЖ во осминафиналето на Лигата на шампионите (на осми март), Барселона ги дочекува Спортинг Хихон и Селта на „Камп ноу“.

Најнови вести