Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2017

Вардар триумфираше во Сегед и сигурно чекори кон четврт-финалето

Вардар веќе има обезбедено пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, но со победата до 23-21 во Унгарија против ПИК Сегед, сега има шанса како првопласиран од групата Б директно да се пласира во четврт-финалето.

Оваа сезона ова е втора победа на Вардар, а четврта во низа, против ПИК Сегед и со двата освоени бода останува лидер со 16 бодови.
Во првото полувреме наизменично водеа двете екипи. Вардарци прво имаа водство од 2-0, а потоа од 9-6. Во еден момент домаќинот израмни на 9-9, а потоа следуваше и серија за водство од 12-9 на нашата екипа, по што домашниот тим намали на 12-11.
Во второто полувреме ПИК Сегед ја продолжи серијата и поведе со 16-14. Последните 15 минути од натпреварот беа решавачки. Во 47-мата минута домаќинот водеше со 19-16, а по четири минути Вардар направи пресврт и поведе со 20-19. Унгарската екипа израмни 20-20, и 21-21, а во последните пет минути нашата екипа пропушти три шанси. Сиера го одбрани пеналот на Игор Карачиќ, додека Тимур Дибиров во 59-тата минута украде топка и во контра го најави последниот удар. По тајм аутот на домаќините, домашната екипа во нападот направи техничка грешка и му дозволи на Вардар да го направи победничкиот напад. На 20 секунди пред крајот на натпреварот, Алекс Душебаев погоди за нова победа на Вардар во Сегед.
Арпад Штербик имаше 13 успешни одбрани, од кои три од седум метри. Тимур Дибиров постигна пет гола, Алекс Душебаев четири, а Игор Карачиќ и Иван Чупиќ по три гола.
До крајот на групната фаза, Вардар треба да игра уште со Целје, Мешков и Кристијанштад. Има добра шанса да заврши како првопласиран во оваа фаза од натпреварувањето и директно да игра во четврт-финалето, со што ќе биде прва екипа од Македонија на која ѝ успеало тоа.

Најнови вести