Корисничко име Лозинка Пријави се
17.2.2017

Ибрахимовиќ: Јас сум како Индијана Џонс

Златан Ибрахимовиќ, напаѓачот на Манчестер јунајтед, изјави дека себеси се споредува со Индијана Џонс поради сите успеси коишто ги остварил во кариерата.

Ибрахимовиќ беше најзаслужниот за триумфот над Сент Етјен во нокаут-фазата на Лигата на Европа со резултат 3-0.
„Давам сè од себе. Каде и да отидев, освојував титули и победував. Јас сум како Индијана Џонс“, изјави Ибрахимовиќ.
Швеѓанецот прв пат од доаѓањето меѓу „црвените ѓаволи“ постигна три гола на еден натпревар.
„Добро е чувството да се постигне првиот хет-трик за Манчестер јунајтед. Најважно беше да обезбедиме добар резултат пред реваншот. Бевме во ред, но можеме многу подобро. Создадовме некои добри шанси, јас постигнав три гола, што е исто така важно. Им благодарам на моите соиграчи“, додаде напаѓачот на Јунајтед.
Златан на 14 натпревари против Сент Етјен во кариерата постигна 17 голови, но изјави дека поважно му е што екипата не примила гол.
„Не примивме гол и ова е одличен резултат бидејќи знам колку е тешко да се игра таму. Имаат фантастични навивачи коишто им даваат голема поддршка. Стадионот е многу убав, момчињата ќе го видат кога ќе одиме, и поради тоа беше многу важно да оствариме добар резултат“, изјави Ибрахимовиќ.

Најнови вести