Корисничко име Лозинка Пријави се
25.1.2017

Конго во четврт-финалето, Брегот на Слоновата Коска без победа

Конго и Мароко се пласираа во четврт-финалето на Купот на африканските нации, откако натпреварувањето во групната фаза го завршија со победа и со тоа ги освоија првите две места во групата Ц.

Конго беше меѓу аутсајдерите пред почетокот на турнирот, а го победи Того со 3-1, и со тоа првата фаза ја заврши без пораз, со две победи и реми.
„Леопардите“ поведоа со голот на Жуниор Кабананага во 29-тата минута, кому му е трет гол на шампионатот и моментно е прв стрелец на натпреварувањето.
Резултатот на 2-0 го зголеми Ндомбе Мубеле во 54-тата минута, а во 69-тата минута од средбата Фо-До Лаба намали на 2-1.
Конечниот резултат го постави Пол-Жозе М’Поку Ебунге во 80-тата минута од слободен удар. Того натпреварувањето го заврши со два порази и едно реми.
Актуелниот шампион Брегот на Слоновата коска на почетокот на КАН беше прв фаворит за освојување на турнирот, но неговото учество заврши без победа. На Мароко ова му беше втора победа, покрај поразот од Конго.
Мароко прв имаше шанса на натпреварот, но ја погоди пречката од слободен. „Слоновите“ до крајот на првото полувреме пропуштија две добри шанси. Брегот на Слоновата коска го контролираше поседот на топката, но не создаваше шанси.
Мароко на самиот почеток на второто полувреме имаше добра шанса, а голот го постигна во 64-тата минута, кога по еден контранапад, во контра два на два, Рашид Алиу од повеќе од 20 метри шутираше и го погоди горниот десен агол и постигна гол.
Пласман во четврт-финалето веќе изборија: Буркина Фасо, Тунис, Сенегал и Камерун.
Денес на ред се и последните натпревари во групата Д, во која Гана веќе избори пласман, а за второто место ќе конкурираат Египет и Мали.

Најнови вести