Корисничко име Лозинка Пријави се
18.1.2017

Меси: Ќе играм за Барселона сè додека сака клубот

Лионел Меси, еден од најдобрите фудбалери на светот, ги отфрли шпекулациите дека би можело да ја напушти Барселона и да направи трансфер во Манчестер сити, изјавувајќи дека е многу среќен во Каталонија.

Британските медиуми објавија дека Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, се обидел да ги искористи пријателските односи со Аргентинецот и да го донесе на „Етихад“ за рекордни 114 милиони евра.
„Секогаш кажував дека Барселона ми даде сè и ќе бидам дел од клубот сè додека сум пожелен. Премиер лигата е силно натпреварување и непредвидливо, што најдобро се виде минатата сезона, кога Лестер беше шампион. Сигурен сум дека Гвардиола ќе биде успешен“, изјави Меси за списанието „Коуч“.
Меси веќе подолго време преговара со клубот околу продолжувањето на соработката која истекува во 2018 година, но немаше напредок, за разлика од неговите соиграчи Луис Суарес и Нејмар, коишто ставија потпис на нови договори.
Тој целата кариера ја помина во Барселона, освои сè што можеше да се освои, вклучувајќи ги осумте титули на шпанската Примера лига и четирите на Лигата на шампионите, додека на индивидуален план рекордно пет пати ја освои Златната топка.

Најнови вести