Корисничко име Лозинка Пријави се
14.1.2017

Клоп: Нема причини за страв

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека неговиот тим нема од што да се плаши на утрешното гостување против Манчестер јунајтед.

Екипата на Жозе Мурињо е во серија од девет победи, без пораз во последните 15 натпревари, додека Ливерпул се мачи со формата иако е второпласиран во Премиер лигата.
„Црвените“ во најголемото англиско дерби влегуваат со серија од три натпревари без победа, ремизираа со Сандерленд и со Плимут, пред поразот од Саутхемптон минатата недела.
„Нема од што да се плашиме. Зошто би се плашеле? Во овој момент, сè е можно. Можеби Јунајтед нема да биде на своето ниво утре, тоа никогаш не може да се знае. Не се плашам од вакви работи, апсолутно му се радувам на натпреварот“, изјави Клоп.
Тој на гостувањето на „Олд Трафорд“ гледа како на шанса да се поништат лошите резултати од изминатиот период.
„Имав многу порази во својот живот, посебно како играч, но и како тренер. Поради тоа  знам дека поразот не е проблем, важна е реакцијата. Имавме четири дена да реагираме на многу лошиот натпревар во многу важната средба. Тоа ми се допаѓа. Така и би требало да изгледа фудбалот, веднаш да реагираш“, додаде менаџерот на „црвените“.
Манчестер јунајтед и Ливерпул играат утре на „Олд Трафорд“ од 17 часот. Претходните два дуели се завршени без победник, на средината на октомври минатата година немаше голови на „Енфилд роуд“, а Ливерпул го доби Јунајтед само два пати во последните десет натпревари, ниту еднаш во Премиер лигата.

Најнови вести