12.1.2017 Македонија со херојска победа го почна настапот на СП
Македонската репрезентација со победа го почна настапот на Светското првенство и го разби Тунис во финишот од натпреварот со 34:30.
Македонската ракометна репрезентација оствари голема победа на стартот од Светското првенство. Избраниците на селекторот Лино Червар одиграа тежок меч против Тунис кој беше разбиен во последните 15 минути.
На стартот се играше гол за гол во тврд и рамноправен меч, а Тунис неколкупати имаше минимално водство во вториот дел од првото полувреме. Во вториот дел неколку пати имаа предност и од четири разлика, но македонските репрезентативци не ја загубија главата, се вратија во натпреварот и во финишот и убедливо победија.
Лино Червар постави тактика со седум ракометари во нападот која се покажа како добитна, особено во второто полувреме.
Кире Лазаров е нашиот најефикасен ракометар во оваа победа со фантастични 12 погодоци, одлични беа и Стоилов и Манасков кои постигнаа по седум погодоци. Трајковски со неколку интервенции во финишот од мечот придонесе за победата.
Следниот противник во сабота е аутсајдерот Ангола кој не би требало да биде проблем за нашите ракометари.