Корисничко име Лозинка Пријави се
16.12.2016

ФФМ ги прогласи најдобрите во фудбалот за 2016 година

Фудбалската федерација на Македонија на свечена церемонија ги прогласи најдобрите за 2016 година. Најдобар фудбалер во домашното првенство е Бесарт Ибраими, најдобар македонски репрезент е Илија Несторовски, а најдобар тренер е Благоја Милевски.

ФФМ ги додели признанијата за најдобрите во фудбалот за 2016 година. За најдобар фудбалер на првенството на Македонија е прогласен Бесарт Ибраими, фудбалерот на Шкендија, кој го доби признанието за најдобар стрелец. Ибраими беше отсутен на церемонијата поради операција на носот, па наградата ја прими неговиот татко.
Исто така, поради обврски кон Палермо, на церемонијата не присуствуваше ниту Илија Несторовски, кој го доби признанието за најдобар македонски фудбалер во странство.
Признанието за најдобар тренер заслужено му беше доделено на Благоја Милевски, под чие водство македонската репрезентација го направи најголемиот успех во историјата со пласманот на селекцијата до 21 година на Европското првенство, додека на младата репрезентација ѝ беше доделена специјална награда.
„По ова, не знам дали ќе можам да издржам да кажам нешто. Голема чест ми е што наградата ја добивам од голем човек како Симон Трпчески. Премногу емоции има во мене, сакам да изразам голема благодарност до сите што се заслужни за ова. Благодарност до ФФМ што ни овозможи беспрекорни услови за работа. Благодарност до тренерската комисија, до мојот стручен штаб, до нашиот економ, до лекарскиот тим, до секретарот, до техничкиот менаџер и најголема благодарност до оние кои се најзаслужни за ова признание и на кои им го посветувам, немам зборови за такви момци, можам да кажам само секоја чест и голема благодарност“, изјави Благоја Милевски.
Награда за фудбалски работник доби Сергеј Самсоненко, сопственикот на Вардар, а признание за животно дело му беше доделено на Љубисав Иванов - Ѕинго.

Најдобрите во македонскиот фудбал за 2016 година:
Најдобар фудбалер во ПМФЛ: Бесарт Ибраими (Шкендија);
Најдобар македонски фудбалер во странство: Илија Несторовски (Палермо);
Најдобар тренер: Благоја Милевски (Македонија У21);
Специјална награда: Репрезентација а Македонија до 21 година;
Најдобар стрелец во ПМФЛ: Бесарт Ибраими (Шкендија);
Фер плеј екипа: Хоризонт Турново;
Најдобар судија: Димитар Мечкаровски;
Најдобар играч во футсал: Игор Леовски (Железарец);
Најдобар тренер во футсал: Иван Божовиќ (Железарец);
Најдобар млад фудбалер: Елиф Елмас (Работнички);
Награда за животно дело: Љубисав Иванов – Ѕинго;
Најдобар фудбалски работник: Сергеј Самсоненко (Вардар);
Најдобар клуб во младинска конкуренција: Вардар;
Најдобар тренер во младинска конкуренција: Југослав Тренчовски (Академија Пандев);
Најдобар стрелец во младинска конкуренција: Александар Мишов (Академија Пандев);
Најдобра фудбалерка: Теодора Димовска (Драгон);
Најдобар тренер во женски фудбал: Илија Мандаров (Драгон);
Најдобар стрелец во женски фудбал: Афродита Салихи (Драгон).

Најнови вести