Корисничко име Лозинка Пријави се
07.11.2016

Клоп: Нема што да се слави

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека неговата екипа најдобрите шанси на натпреварот со Ватфорд ги имала пред да почне да постигнува голови.

„Црвените“ во 11-тото коло на Премиер лигата убедливо славеа со 6-1, па сега се осамени на врвот на табелата, со оглед на тоа дека пред ова коло лидерската позиција ја делеа со уште два тима.
Фудбалерите на Ливерпул сега имаат 26 бодови, Челзи има 25, додека Манчестер сити и Арсенал имаат по еден бод помалку.
„Знаевме дека нè чека предизвик и се обидовме на вистински начин да ја подготвиме екипата низ тренинзите и очигледно тоа добро го направивме. Самодоверба, вештина, став на играчите, вчера сè добро функционираше. Чудна работа во врска со овој натпревар е тоа што најдобрите шанси ги имавме пред да почнеме да погаѓаме. Во првото полувреме навистина бевме сконцентрирани, беше навистина добро, навистина добро. Во второто полувреме губевме премногу енергија на топката, која лесно им ја препуштавме. Моравме да се браниме и да трчаме доста. Меѓутоа, и понатаму сме во процес на градење на нашата игра и можеме уште доста да напредуваме“, изјави Клоп.
Германскиот стручњак не сака убедливата победа да се претставува како лесна и дека сè уште е рано за какво било славење. Во националните првенства следува пауза поради репрезентативни обврски, а по враќањето, Ливерпул ќе се сретне со Саутхемптон.
„Резултатот дава впечаток дека победата била лесна, но зад тоа стои многу напорна работа. Добрите резултати и партии помагаат во самодовербата. Ќе ги испратиме играчите ширум светот и се надеваме дека ќе се вратат здрави за наредниот предизвик против Саутхемптон. Нема што да се слави во овој момент, наша должност е да играме добро кога ќе го облечеме црвениот дрес на Ливерпул. Засега сè е добро“, додаде Клоп.

 

Најнови вести