Корисничко име Лозинка Пријави се
26.10.2016

Саутгејт останува на клупата на Англија

Герет Саутгејт би можело да стане селектор на Англија трајно, дури и ако не би имал многу успех во наредните два натпревари.

Тоа го изјави Мартин Глен, првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Англија.
Саутгејт во септември беше поставен за привремен тренер по заминувањето на Сем Алардајс. Тој требаше да го води тимот во првите четири натпревари, а тоа веќе го направи во два, со учинок од победа и реми.
Англија сега игра два натпревари на домашен терен – на 11-ти ноември против Шкотска во квалификациите и четири дена подоцна пријателска средба со Шпанија. Многу од обложувалниците во Англија предвидуваат дека тој е главен фаворит за преземање на таа функција.
„Го доби тимот на четири натпревари, до средбата со Шпанија на средината на ноември. Потоа нема натпревари до март (против Германија), така што имаме време да размислиме. Герет е валиден кандидат. Ја познава меѓународната поставка, одлично работеше со младата репрезентација и сака тоа да им го пренесе на сениорите. Дури и ако не биде одличен во следните два натпревари, повторно ќе биде добар кандидат. Не се оценува тренерот врз основа на два натпревари“, изјави Глен за „Скај спортс“.
Претседателот на ФА изјави дека националната селекција на Англија во последните години имаше проблеми со притисокот од летните турнири. На Светското првенство 2010 година екипата оствари само една победа во четири натпревари, додека во Бразил четири години подоцна беше последна во групата.
Англија ова лето победи само во еден натпревар на Европското првенство, а потоа во осминафиналето испадна од Исланд.
„Англиските репрезентации сега технички се подобри од кога било порано, но ни фали алката која ни недостасува. Кога играчите ќе го облечат националниот дрес, често не играат партии како во клубовите. Тоа е нешто околу идентитетот на тимот. Велс и Исланд беа добри на Европското првенство бидејќи сакаа да играат, а нам ни треба некој кој ќе го создаде тоа. Затоа сакаме новиот селектор да биде тука на долги патеки“, изјави Глен.

Најнови вести