Корисничко име Лозинка Пријави се
21.10.2016

Златната копачка за Суарес: Се надевам дека ќе завршам во Барселона

Луис Суарес, фудбалерот на Барселона, изјави дека сака да ја заврши кариерата во тој шпански клуб.

На Суарес му беше врачена Златната копачка за најдобар стрелец во минатата сезона во европските фудбалски лиги. Тој минатата сезона постигна 40 голови за Барселона во првенството. Наградата во Барселона му ја врачија неговите деца Бенџамин и Делфина.
Тоа е втор пат како Суарес ја освои Златната копачка, откако пред две години тоа признание го подели со Кристијано Роналдо од Реал Мадрид.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Барселона што ме доведе и ми дозволи да ги исполнам своите цели. Соиграчите имаа удел во сите мои голови. Имам одлични соиграчи коишто ми ја олеснуваат работата, но не сакам да ја намалам ниту својата заслуга, сепак морате да постигнете гол. Се надевам дека кариерата ќе ја завршам во Барселона, но морам да бидам на највисоко натпреварувачко ниво“, изјави Суарес на интернет-страницата на Барселона.
Суарес во 2014 година од Ливерпул направи трансфер во Барселона, за која одигра 108 натпревари, постигна 93 голови и освои: две шампионски титули, два пати Кралскиот куп, Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа, Суперкупот на Шпанија и Светското клупско првенство.
Тој им се заблагодари на соиграчите за наградата за најдобар стрелец на европските лиги, посебно на Лионел Меси и на Нејмар и изјави дека се надева дека ако не ја освои Златната топка следниот јануари, дека таа ќе ја освои еден од нив двајца.
„Морав многу да се борам во животот, сега се обидувам да уживам, да бидам среќен и да освојувам трофеи. Јас сум во најдобриот тим на светот со најдобрите играчи. Имате свои цели и можете да ги остварите, но целта на екипата да освојува титули е на првото место. Потоа доаѓаат индивидуалните награди, а ако не ги освојам јас, ќе ги освојат Лео или Нејмар“, изјави Суарес.

Најнови вести