Корисничко име Лозинка Пријави се
21.10.2016

Лига на Европа: Јунајтед разигран, блесок на Погба

Фудбалерите на Манчестер јунајтед го победија Фенербахче со 4-1, во дуелот од третото коло на Лигата на Европа.

Екипата на Жозе Мурињо конечно одигра одличен натпревар, па гостите од Турција немаа шанса на „Олд Трафорд“.Тоа беше враќање во Манчестер на Робин ван Перси, кој сега е прв напаѓач на Фенербахче, а натпреварот сепак го обележа најскапиот фудбалер во историјата на фудбалот Пол Погба.
Францускиот фудбалер одигра многу добро на средината на теренот, а покрај тоа, успеа да постигне и два гола. Мурињо на овој натпревар го одмори Златан Ибрахимовиќ, бидејќи екипата викендов ја очекува големото дерби против Челзи.
Конечниот резултат од 4-1 на седум минути пред крајот го постави токму Ван Перси, кој доби голем аплауз на „Олд Трафорд“. На Холанѓанецот му аплаудираше и легендарниот Алекс Фергусон.
Јунајтед сега има шест бодови во групата А и ја дели првата позиција со Феенорд. Холандскиот тим ја победи Зорја со минимален резултат 1-0. Фенербахче остана на четири бода, а Зорја има еден бод.
Во групата Б, Олимпијакос лесно ја победи Астана со 4-1, а во вториот натпревар од групата екипата на Јанг бојс го победи АПОЕЛ со 3-1 по пресвртот со головите на Оро.
Мајнц и Андерлехт одиграа нерешено 1-1 во групата Ц. Двете екипи сега имаат по пет бодови, а исто толку има и Сент Етјен, кој ја совлада Кабала со 1-0 со автоголот на Рикардињо во 70-тата минута.
Голем чекор кон поминување на групата направи Зенит, кој во групата Д има максимални девет бодови по победата од 1-2 против Дандалк во гости.
Дандалк остана на четири бода, а Макаби сега е трет со три. Израелската екипа го совлада АЗ Алкмар во Холандија со 2-1.
Голем кикс во групата Е направи Рома, која водеше со 3-1 против Австрија, но на крајот резултатот беше 3-3 и таа освои само бод.
Рома и Австрија имаат по пет бодови, а на третото место на табелата се наоѓа Астра, која ја победи Викторија со 2-1 во П’лзењ.
Во групата Ф, Генк го надигра Атлетик Билбао со 2-0 и е прв на табелата со шест бодови, бидејќи во другиот натпревар Рапид и Сасуоло одиграа нерешено 1-1.

Најнови вести