Корисничко име Лозинка Пријави се
20.10.2016

Рекорд на Венгер во Европа и предупредување кон играчите

Арсенал многу убедливо со 6-0 го совлада Лудогорец во третото коло на Лигата на шампионите, а Арсен Венгер постигна нов рекорд со клубот од „Емирати“.

Статистиката вели дека победата на Венгер против тимот од Разград му била стота на клупата на Арсенал во европските натпреварувања. Вечерта на Венгер ја исполнија хет-трикот на Месут Озил и по еден гол на Алекс Окслејд-Чемберлен, Тео Волкот и Алексис Санчес.
„Тешко е да не се биде среќен по ваков натпревар. Постигнавме многу голови и ја сочувавме својата мрежа“, изјави Венгер по натпреварот.
„Игравме брзо, напаѓачки и бевме многу опасни. Сепак, мораме да го сочуваме фокусот и да мислиме само на наредниот натпревар“, додаде тренерот на Арсенал, со предупредување кон своите играчи:
„Самодовербата ќе расте по секоја победа, но мора да бидеме внимателни и да се сконцентрираме на наредниот дуел. Нашиот тим беше силен, имаме силен дух, но секогаш морате да бидете внимателни и цврсто со двете нозе да останете на земја и по ваквите победи“, додаде Французинот.
Менаџерот на Арсенал се обиде и да најде причини за ваквата убедлива победа.
„Можеби големата самодоверба го направи своето. Можеби во овој момент имаме добро избалансиран тим. Можеби само подобро ги користиме шансите. Но да се каже дека тоа е поради поинаква топка или поради подобрата завршница или поради нешто трето... Тоа е тешко. Не можам сега да анализирам зошто постигнавме многу голови. Играме ризичен фудбал и важно е да ги користиме сите свои шанси“, изјави Венгер.

Најнови вести