19.10.2016 Пике: Пеп сите нè обележа, ќе биде предизвик
Жерар Пике, фудбалерот на Барселона, изјави дека стилот на играта на Манчестер сити станал многу сличен на каталонскиот клуб од доаѓањето на тренерот Пеп Гвардиола на „Етихад“.
Фудбалерите на Манчестер сити вечерва, од 20.45 часот ќе гостуваат кај Барселона во дербито од третото коло на групата Ц во Лигата на шампионите.
„Откако Пеп го презеде Сити, промени доста работи. Мислам дека Сити е поинаква екипа во однос на онаа кога ја тренираше Мануел Пелегрини. Нивниот стил е поинаков, притискаат високо, мислам дека помалку-повеќе се обидуваат да играат како нас. Пеп го разбира фудбалот како нас. Денешниот натпревар ќе биде предизвик за нас. Се надевам дека ќе победиме“, изјави Пике.
Гвардиола со англискиот клуб прв пат доаѓа на стадионот „Камп ноу“, каде што се прослави како играч и како тренер.
„Пеп нè обележа сите нас коишто бевме во клубот. Фудбалот под негово водство го сфативме на поинаков начин“, додаде Пике.
Барселона по двата одиграни натпревари, се наоѓа на првото место во групата Ц со шест бодови, два повеќе од Манчестер сити.
„Сакаме во оваа група да бидеме први. За да ја оствариме таа цел, мораме да победиме. Доколку победиме, ќе бидеме на чекор од пласман во наредната фаза, а Сити ќе биде пет бодови зад нас. Разликата тогаш ќе биде задоволувачка“, изјави фудбалерот на Барселона.
Натпреварот на стадионот „Камп ноу“ ќе го судат српски арбитри предводени од Милорад Мажиќ.
Во другиот натпревар од групата Ц, во истиот термин Селтик во Глазгов ќе го дочека Менхенгладбах.