Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2016

Зидан: Сите очекуваме повеќе од Роналдо

Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека очекува повеќе од Кристијано Роналдо, кој не реализираше неколку добри шанси на натпреварот против Легија.

Реал на свој терен ја победи Легија со 5-1, во натпреварот од третото коло на групата Ф во Лигата на шампионите. Шпанскиот клуб поведе во 16-тата минута со голот на Герет Бејл, а водството со автогол го удвои Томаш Јодловјец во 20-тата минута.
Само две минути подоцна, гол за полскиот тим постигна Мирослав Радовиќ, што беше прв гол за Легија во Лигата на шампионите по 21 година.
Кралскиот клуб ја обезбеди победата во 37-ата минута преку Асенсио, во 68-мата минута голот постигна и Лукас, а конечниот резултат го постави Алваро Мората во 84-тата минута.
Роналдо асистираше кај третиот и кај последниот гол на Реал, имаше неколку добри шанси во второто полувреме, но не се запиша меѓу стрелците.
„Сите сакаат Кристијано да постигне три, четири, пет голови. Имаше многу шанси против Легија, но постигна гол минатата сабота (во првенството) и ќе постигне нов наредниот викенд. Сите очекуваме повеќе од Роналдо, и тој го знае тоа. Сакаме да постигне три или четири гола. Не постигна гол против Легија, но имаше две асистенции, и тоа ми се допаѓа“, изјави Зидан, а пренесоа британските медиуми.
Тренерот на Реал изјави дека неговата екипа мора да ја поправи играта во одбраната.
„Задоволен сум од резултатот, од головите. Јасно е дека можеме да напредуваме. Понекогаш рамнотежата во одбраната не е совршена, но наш избор е да играме офанзивно, иако ризикувавме и му дававме шанса на противникот. Најважна работа е да постигнеме гол и да победиме, а тоа го направивме“, додаде Зидан.
По трите одиграни кола, Реал и Борусија од Дортмунд имаат по седум бодови во групата Ф, Спортинг од Лисабон има три, додека Легија е без бодови.

Најнови вести