Корисничко име Лозинка Пријави се
18.10.2016

Роналдо го брка стотиот гол во европските натпреварувања

По триседмичната пауза, денес продолжува натпреварувањето во Лигата на шампионите, а најголемо внимание привлекуваат натпреварите меѓу Олимпик Лион и Јувентус, односно меѓу Реал Мадрид и Легија.

Олимпик од Лион во последно време има доста проблеми со формата, во првенството на Франција го зазема дури осмото место, а претходниот викенд беше поразен од Ница, додека Јувентус има серија од шест последователни победи.
Француската екипа во првото коло на групата Х од Лигата на шампионите го победи Динамо, но во второто беше поразена од Севилја, па во натпреварот кој се игра вечерва, од 20.45 часот, има императив да избегне пораз, бидејќи во спротивно ќе биде далеку од пласман во осминафиналето.
Во другиот натпревар на групата Х, од 20.45 часот на „Максимир“ во Загреб Динамо ќе ја дочека Севилја. Хрватската екипа по првите два натпревари е без бодови, но и без постигнат гол, додека Севилја го дели првото место со четири бода.
Реал Мадрид ќе ја дочека Легија од 20.45 часот во натпреварот од групата Ф и сè освен победа на шампионот на Европа во тој дуел би било големо изненадување.
Португалецот Кристијано Роналдо ќе има можност да дојде до стотиот гол во европските натпреварувања. Тој со два погодоци против Легија би станал прв фудбалер кому тоа му тргнало од рака.
Во другиот натпревар од групата Ф, Спортинг во Лисабон во истиот термин ќе ја дочека Борусија од Дортмунд.
Португалската екипа е во солидна форма, последен пат беше поразена пред еден месец, а оттогаш имаше три победи и едно реми во сите натпреварувања, а од друга страна, Борусија на последните три натпревари не знае за триумф, но го зазема првото место во групата Ф.
Лидерот на групата Е, Монако вечерва од 20.45 часот ќе гостува кај ЦСКА во Москва, која во последните две кола има еден бод и го зазема четвртото место, додека во другиот натпревар во истиот термин Баер Леверкузен ќе го дочека Тотенхем.
Шампионот на Англија, Лестер во својата дебитантска сезона во Лигата на шампионите во првите две кола забележа две победи, а вечерва од 20.45 часот пред своите навивачи ќе го дочека Копенхаген, кој има четири бода и се наоѓа на второто место во групата Г.
Во другиот натпревар од групата Г, последнопласираниот Клуб Бриж ќе го дочека Порто, кој има само еден бод по два натпревари, па во Белгија ќе мора да оди на победа доколку сака да остане во трка за осминафиналето.

Најнови вести