Корисничко име Лозинка Пријави се
12.10.2016

Црна Гора херојски, Словенија ѝ одолеа на Англија

Фудбалерите на Црна Гора остварија голем триумф во Данска во дуелот од третото коло на квалификациите за Мундијалот 2018 година.

Селекцијата на Љубиша Тумбаковиќ славеше во Копенхаген со 1-0 и сега е прва во групата Е.
Црна Гора сега има седум бодови, два повеќе од второпласираната Романија, која претходно одигра без голови во Казахстан.
Гостите од Подгорица одиграа многу паметно во Данска и на крајот беа наградени со трите бода.
Данска во продолжението на сите начини се обиде да дојде барем до бод, но не успеа сериозно да го загрози голот на Божовиќ.
Во преостанатите натпревари од групата Е, Полска со голот во 95-тата минута успеа да ја победи Ерменија со 2-1, а херој беше Роберт Левандовски.
Во групата Ф најинтересно беше во Љубљана, каде што гостуваше Англија. Тимот на Сречко Катанец остана непоразен по ремито без голови, но тој резултат сепак повеќе им одговара на Англичаните.
Во преостанатите два натпревари од оваа група домаќините беа сигурни. Литванија ја доби Малта со 2-0, додека Словачка ја победи Шкотска со 3-0.
Во групата Ц, светскиот шампион Германија рутински ја победи Северна Ирска со 2-0.
Победник на вечерта во оваа група е Азербејџан, кој одигра без голови во Чешка, па по три одиграни натпревари, нема примен гол ниту пораз и е втор на табелата, зад Германија, со седум бодови.
Норвешка се мачеше до 77-мата минута со Сан Марино, но на крајот дојде до убедливи 4-1.

Најнови вести