Корисничко име Лозинка Пријави се
10.10.2016

Наполи без напаѓач, Милик шест месеци надвор од теренот

Аркадјуш Милик, напаѓачот на Наполи, се повреди на репрезентативниот натпревар меѓу Полска и Данска (1-1) и ќе биде отсутен најмалку шест месеци, пишуваат италијанските медиуми.

Дополнителните прегледи потврдија дека полскиот фудбалер доживеал тешка повреда на предните вкрстени лигаменти на левото колено и дека ќе му биде извршена операција во Италија.
Милик се повреди во дуелот со Вестергард на крајот на првото полувреме, но се врати на теренот по укажаната лекарска помош. Но, на паузата беше заменет, па веднаш се почувствува дека во прашање е нешто посериозно.
Полските медиуми сега го обвинуваат селекторот Адам Навалка, кој го пушти да се врати на теренот по повредата.
„Неверојатно е Милик да го напушти теренот поради повреда и потоа да се врати, тие пет минути беа пресудни и мислам дека Навалка згреши што го врати во игра“, изјави полскиот новинар Емил Камински.
Овие вести не се добри за Наполи бидејќи Милик ова лето дојде од Ајакс како замена за Гонзало Игуаин и почна одлична сезона во клубот од Неапол. Тој од холандскиот тим во Серија А направи трансфер за 32 милиони евра.
Сега тренерот Маурицио Сари има сериозен проблем во нападот бидејќи нема адекватна замена за полскиот репрезентативец. Наполи моментно го зазема второто место на табелата со 14 освоени бодови, а во наредното коло на Серија А ја дочекува екипата на Рома.

Најнови вести