25.8.2016 Швајнштајгер: Јунајтед е мојот последен клуб во Европа
Бастијан Швајнштајгер, играчот за врска на Манчестер јунајтед, изјави дека ќе остане во клубот и додаде дека ќе биде подготвен ако ѝ биде потребен на екипата.
Поранешниот капитен на репрезентацијата на Германија тренира со вториот тим, бидејќи менаџерот Жозе Мурињо не смета на него.
Медиумите шпекулираа дека триесет и двегодишниот Швајнштајгер се договорил со италијанскиот шампион Јувентус, но се чини дека ќе остане на „Олд Трафорд“, бидејќи договорот со англискиот клуб му истекува за две години.
„Манчестер јунајтед ќе биде мојот последен клуб во Европа. Ги почитувам останатите клубови, но Манчестер беше единствениот кој можеше да ме натера да го напуштам Баерн. Ќе бидам подготвен ако ѝ бидам потребен на екипата. Тоа е сè што можам да кажам за мојата моментна ситуација. Благодарен сум им на навивачите за неверојатната поддршка која ми ја искажаа претходните седмици“, изјави Швајнштајгер на „Твитер“.
Швајнштајгер минатата година од Баерн направи трансфер во Јунајтед за седмична плата од 160.000 фунти.
Тој не се снајде најдобро на „Олд Трафорд“, а минатата сезона не одигра многу натпревари поради проблеми со повреди.
Британските медиуми шпекулираат дека Швајнштајгер би можело да отиде во еден од американските или од азиските клубови.