Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
22.8.2016

Дурант ја скрши Србија, ново сребро за „орлите“

Кошаркарите на Србија не успеаја да приредат сензација и беа убедливо поразени од САД со 96:66 (19:15, 33:14, 27:14, 17:23) во финалето на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри.

Иако солидно го почнаа натпреварот и поведоа со 14:11, „орлите“ беа немоќни против силната одбрана на САД, но пред сè против Кевин Дурант, кој со 24 поени уште во првото полувреме го реши победникот.
На крајот, Србија го освои сребрениот медал, прв олимписки за српската кошарка од осамостојувањето и прв по 20 години од Игрите во Атланта, кога исто така беше втора зад САД.
САД го освоија јубилејниот 15-ти златен олимписки медал, трет последователен, а вкупно 18 одликувања на Олимписките игри. Кармело Ентони стана првиот кошаркар кој освои три последователни олимписки златни медали.
Дурант, играчот на натпреварот, средбата ја заврши со 30 поени (10/19 од игра), четири асистенции и три скока, а одлично го следеше Демаркус Казинс, кој доминираше во рекетот остварувајќи дабл-дабл со 13 поени (3/5) и 15 скокови.
Двоцифрен учинок имаше уште само Клеј Томпсон со 12 поени (2/5 три), додека во тимот на Србија најефикасен беше Немања Недовиќ, кој во завршницата стигна до 14 поени (6/10).
Милан Мачван постигна 11, Милош Теодосиќ девет, по седум постигнаа Богдан Богдановиќ (0/7 три) и Мирослав Радуљица, додека шест даде Никола Јокиќ.

Најнови вести