Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2016

Болт останува најбрзиот човек на земјата

Јамајчанецот Јусејн Болт е првиот атлетичар во светот што освои три златни олимписки медали на 100 метри – во Пекинг во 2008 година (9,69), во Лондон во 2012 година (9,63) и сега во Рио (9,81).

Неговите победи во континуитет го ставаат на највисокото место, над Џастин Гетлин, кој беше шампион во Атина во 2004 година (9,85 секунди), над Морис Грин од Сиднеј во 2000 година (9,87), или над Донован Бејли од Атланта во 1996 година.
Болт досега има освоено седум олимписки медали, по три во Пекинг и во Лондон и еден сега во Рио. Атлетичарот од Јамајка досега не е поразен на Летните олимписки игри и на Светските првенства од 2008 година, освен што беше дисквалификуван на Светското првенство во 2011 година поради неправилниот старт. Тој на осумнаесет трки има освоено исто толкав број победи.
„Некој рече дека можам да станам бесмртен. Уште два златни медала и можам да запрам. Бесмртен! Трката не беше перфектна, но победив, тоа е најважно и горд сум на тоа што го направив. Очекував да бидам побрз, но не е важно, сторив што требаше “, изјави Болт.
Пред него се уште две трки во Рио, на 200 метри во штафетата 4х100, на патот до историскиот трипл-трипл – три златни медали на три ЛОИ.
Дваесет и деветгодишниот Болт во февруари годинава изјави дека ќе се повлече следната 2017 година, по завршувањето на Светското првенство во Лондон.

Најнови вести