Корисничко име Лозинка Пријави се
19.7.2016

Ферари го повикува Брон да се врати

Тимот на Ферари го разгледува новиот акционен план по разочарувачките резултати од почетокот на сезоната, а тој го вклучува и враќањето на Рос Брон.

Првиот човек на италијанската компанија Серџо Маркјоне и шефот на тимот Маурицио Аривабене минатата недела имаа низа состаноци на кои главни теми беа промените кои треба да бидат направени. Заклучокот по состаноците е дека на тимот му е потребен нов пристап. 
Маркјоне дури имаше и директни разговори со инженерите за подобро да разбере каков е долгорочниот потенцијал на овогодишниот болид и веќе е започнато со конкретни потези.
Една од идеите е Брон да се ангажира како консултант за да помогне во напредокот на тимот, без потреба да биде ангажиран за постојано. Медиумите пренесуваат дека Брон ја одбил првобитната понуда од Ферари, бидејќи намерно се држи подалеку од Ф1 откако го напушти Мерцедес кон крајот на 2013 година. Од тогаш беше јасно дека Брон нема желба да патува на сите трки на Ф1, ниту сака да се обврзе на толку посветеност во работата која е многу потребна за успехот во Ф1.
Меѓутоа, легендарниот тим и понатаму сака Брон да биде некој вид консултант на Маркјоне и Аривабене посебно што се однесува до техничките прашања и да укажува на тоа што е потребно да се промени. За сега не е јасно колку Брон би навлегол во работата која во моментов ја извршува техничкиот директор Џејмс Алисон.
Извесно е дека во Ферари се сериозни во намерите да го убедат Брон дека постои улога во тимот која би му одговарала. Токму Брон е еден од најзаслужните за големите успеси кој Ферари ги оствари со Михаел Шумахер од 2000 година до 2004 година, заедно со Жан Тод. 
„Кога работев порано, бев посветен 24 часа дневно седум дена во седмицата, а тоа повеќе не го сакам. Никогаш не викај никогаш, но јас сум задоволен со својот живот сега, но и не се појави ништо што би ме мотивирало и заинтересирало да го променам тоа“, истакна Брон неодамна.

Најнови вести