Корисничко име Лозинка Пријави се
06.7.2016

Сантос: Не игра Роналдо против Бејл

Селекторот на Португалија Фернандо Сантос изјави дека неговиот тим против Велс сака да испише нови страници во историјата.

„Сакаме да влеземе во историјата. Нормално е дека тука е минатото кое е важно за сè, но ние сакаме да ја испишеме сопствената историја. Од почетокот на натпреварувањето се обидуваме тоа да го сториме, а во натпреварот денес тоа е само еден чекор кон таа цел“, изјави Сантос.
Португалија од 21:00 часот ќе се сретне со Велс во полуфиналето на Европското првенство. 
„Знаеме колку тешко ќе биде да се направи исчекор, но во натпреварот влегуваме со скромност и став како и секогаш. Велс до сега имаше одличен турнир. Поминаа во една од најтешките групи на првенството, а потоа Белгија... И тоа извојуваа победа со 3-1. Исклучително го почитувам и нивниот селектор Крис Колмен“, изјави Сантос. 
На прашањето на новинарите да го коментира дуелот меѓу Кристијано Роналдо од една страна и Герет Бејл од друга страна, Сантос изјави дека натпреварот не е дуел само меѓу нив двајцата.
„Тие се играчи кои имаат искуство и знаат да се носат со притисокот каков што е пред овој натпревар. Тоа не ништо поголем притисок од вообичаеното. Натпреварот не е само Роналдо против Бејл, туку дуел меѓу сите играчи на двете селекции“, изјави Сантос. 
Тој комплетно го пофали Роналдо и изјави дека фудбалерот на Реал Мадрид е беспрекорен во текот на континенталниот шампионат.
„Кристијано е вистински пример каков треба да биде односот на големите натпреварувања. Неговото однесување на тренинзите и кон соиграчите е беспрекорно “, изјави тој.
Сантос за полуфиналето нема да може да смета на суспендираниот Вилијам Карвалјо, додека Пепе е под знак прашалник поради полесните повреди на бутниот мускул.
Полуфиналниот натпревар на Европското првенство меѓу Португалија и Велс ќе се одигра вечер од 21:00 часот во Лион.

Најнови вести