Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2016

Борба за полуфинале: Левандовски или Роналдо?

По двата дена пауза, Европското првенство во Франција продолжува со натпреварите во четврт-финалето.

Први на теренот ќе се сретнат репрезентациите на Полска и Португалија кои за пласман во полуфиналето ќе играат од 21:00 часот на стадионот „Велодром“ во Марсеј.
Полјаците во претходната рунда дури по пеналите ја елиминираа репрезентацијата на Швајцарија (1-1, 5-4), додека Португалија со голот на Рикардо Кварежма во 117-тата минута ја исфрли репрезентацијата на Хрватска (1-0).
Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош верува дека нема фаворити во четврт-финалето.
Од друга страна пак, селекторот на Полска истакна дека неговите играчи мораат да обрнат внимание на сè, а не само на Кристијано Роналдо кој ќе има посебен мотив- бидејќи има можност да се изедначи или да го престигне Мишел Платини, најдобриот стрелец во историјата на ЕВРО.
„Фудбалот е тимски спорт. Нема тим во кој еден играч може да го одлучи натпреварот. Мислам дека Португалија има добар тим и затоа мораме да водиме сметка за целиот тим, а не само за Роналдо, ако сакаме да победиме. Португалија е многу опасен противник со голем потенцијал, имаат играчи на највисоко ниво на ѕвезди... Не сакам дури ни да го споменувам Кристијано Роналдо“, изјави Навалка.
Во следните три дена фудбал ќе гледаме во истиот термин, прво победникот од овој дуел ќе го дознае противникот во борбата за полуфиналето- откако Велс и Белгија утре ќе одиграат на стадионот „Пјер Морој“.
Полуфиналните натпревари ќе се играат на 6-ти и 7-ми јули, додека големото финале е закажано за 10-ти јули. 

Најнови вести