Корисничко име Лозинка Пријави се
24.6.2016

Субашиќ: Ќе го срушиме комплексот Португалија

Фудбалската репрезентација на Хрватска никогаш до сега ја нема победено Португалија, но голманот Даниел Субашиќ е убеден дека тоа можат да го сторат и во осминафиналето.

„Во сабота нема да има фаворити, ќе одлучуваат ситници. Ние сме полни со оптимизам и ако одиграме на досегашното ниво, ќе биде добро. Оваа генерација ќе го сруши португалскиот комплекс“, изјави Субашиќ.
Субашиќ кажа дека Португалија во првите три натпревари во групата не беше на вистинското ниво, но нагласи дека станува збор за силна репрезентација.
„Особено во нападот. Имаат еден од најдобрите фудбалери во светот, но Португалија не е само Кристијано Роналдо“, изјави голманот на Монако и додаде дека слабата точка на Португалија е одбраната.
„Имаат малку проблеми во одбраната... Ќе биде интересен натпревар, полн со адреналин“, наведе Субашиќ.
Одговорот на Субашиќ не ги задоволи новинарите, па продолжија да го распрашуваат за Роналдо.
„Доста веќе прашања за Роналдо. Нема тука што повеќе да се додаде, па го гледаме постојано на ТВ екраните“, изјави Субашиќ.
Исланд да не ја победеше Австрија во петтата минута од судиското продолжение, токму тој ќе беше противникот на Хрватска.
„Можеби е подобро да играме против Португалија, отколку против некоја мала репрезентација која би се повлекла назад и ние би се мачеле да ја пробиеме. Против Португалија ќе можеме да играме“, изјави Субашиќ.
Фактот дека Хрватска на патот до финалето не може да игра против Германија, Италија, Франција, Англија и Шпанија предизвика еуфорија меѓу навивачите но и ја подигна границата на очекувањата.
„Мило ми е поради еуфоријата меѓу навивачите. Ждрепката ни е поволна, но на ЕП нема лесни натпревари. Треба да ја добиеме Португалија, а дури по тоа сме во четврт-финалето. Одиме натпревар по натпревар“, изјави голманот на Хрватска.
Натпреварот во осминафиналето на Европското првенство меѓу Хрватска и Португалија ќе се одигра во сабота во Ленс во вечерниот термин од 21:00 часот.

Најнови вести