22.6.2016 Меси испиша нови страници во историјата на Аргентина
Најдобриот играч во светот Лионел Меси ги испиша новите страници во историјата на националниот фудбал станувајќи најдобриот стрелец на Аргентина на сите времиња.
Меси во полуфиналето на Копа Америка во кое Аргентина го победи домаќинот САД со 4-0 постигна гол од слободен удар и така стигна до 55-тиот погодок во дресот на репрезентацијата, со што се осами на вечната листа на стрелците.
Момчето од Росарио успеа да го собори рекордот во својот 112 натпревар, а под него остана легендарниот центарфор Габриел Батистута со гол помалку, но на 77 натпревари.
Бидејќи асистираше Езекиел Лавеци за првиот погодок, во 32-та минута дојде на ред Меси да го стори она на што чекаше целиот фудбалски свет, и тоа на каков начин. Прекрасно го изведе слободниот удар од нешто повеќе од 20 метри, го погоди аголот на голот, топката малку ја допре пречката и заврши во мрежата.
„Многу сум среќен. Благодарен сум им на своите соиграчи и на сите со кои имав можност да играм во Аргентина. Овој рекорд е благодарност за сите нив“, изјави Меси по натпреварот.
Човекот кој во дресот на Барселона освои сè што можеше да се освои е на прагот за големиот трофеј за „гаучосите“, благодарејќи на деветтиот погодок од слободен удар оваа сезона. Тоа значи дека Меси на досегашните четири натпревари во САД е директно заслужен за 10 голови на својата селекција бидејќи постигна 5 и намести уште толку.
„Многу сум среќен поради она што го стори и тој е многу задоволен што учествува на Копа Америка. Одлично е што е најдобар играч во светот и воедно најдобар стрелец на Аргентина на сите времиња. Но познавајќи го, знам дека е среќен поради успехот на тимот“, изјави селекторот, Херардо Мартино.
Аргентинците противникот ќе го дознаат вечер кога од два часот по полноќ ќе се сретнат репрезентациите на Колумбија и Чиле.