Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2016

Италијанска лекција за Белгија

Фудбалерите на Италија ја совладаа репрезентацијата на Белгија со 2-0 (1-0), во првото коло од Групата Е на Европското првенство во Франција.

Иако многу фудбалски аналитичари ги отпишаа пред почетокот на ЕП, „аѕурите“ со одлична игра ја совладаа втората селекција во светот од ранг листата на ФИФА со головите на Емануеле Џакерини во 32-та минута и Грацијано Пеле во 93-тата минута на натпреварот.
Поведоа по фантастичниот пас на Леонардо Бонучи во стилот на Андреа Пирло, а триумфот го потврдија по контра нападот и ударот на напаѓачот на Саутхемптон. 
Белгијците го контролираа ритамот во текот на поголемиот дел од дуелот во Лион, доминираа во средниот ред, но целосно потфрлија носителите на играта Еден Азар и Кевин де Бројне, како и главниот напаѓач Ромелу Лукаку. 
Првите двајца беа немоќни во борбата со дефанзивците на Италија, додека Лукаку беше потполно неупотреблив во завршницата на нападот, а единствена шанса кој ја имаше ја упропасти со лошиот удар. 
Италијанците со контра нападите константно претставуваа закана иако ретко имаа позиционирани напади, па на крајот заслужено стигнаа до големите три бодови и покажаа дека прерано беа отпишани од трката за титулата.
Во првиот натпревар во групата Ирска и Шведска ремизираа со 1-1, а во следното коло ќе се сретнат Италија – Шведска и Белгија – Ирска.

Најнови вести