19.5.2016 Саул Нигез му е верен на Атлетико
Фудбалерот на Атлетико Мадрид Саул Нигез се согласи да го продолжи договорот со клубот за уште година дена па на „Висенте Калдерон“ ќе остане до 2021 година.
Како што е соопштено, Саул додаде година дена на стариот договор со клубот во кој ги помина сите млади категории.
За 21-годишниот играч беа заинтересирани бројни европски клубови, меѓу кои и Манчестер јунајтед.
„Среќен сум што ќе продолжам да го носам овој дрес“, изјави Саул.
Тој дебитираше за Атлетико во март 2021 година против Бешикташ во Лигата на Европа, пред да замине на позајмица во Рајо Валјекано во сезоната 2013/14. Откако се врати во Мадрид, Саул е стандарден во првиот тим, а со голот против Баерн Минхен во полуфиналето од Лигата на Шампионите ѝ помогна на својата екипа да се пласира во финалето каде ќе игра против градскиот ривал Реал.
„Сите во клубот сме многу среќни поради постигнатиот договор со Саул, тој е одличен фудбалер“, изјави спортскиот директор на Атлетико, Хосе Луис Каминеро.
Атлетико не ги објави финансиските детали од договорот.