Корисничко име Лозинка Пријави се
24.3.2016

Македонија со минимален пораз се враќа од Словенија

Фудбалската репрезентација на Словенија во Копер ја победи Македонија со 1-0.

По речиси цел час игра, репрезентацијата на Словенија го постигна првиот, а воедно и победничкиот гол. Стрелец беше Роман Безјак во 58-та минута од натпреварот.
Репрезентацијата на Македонија засилена од повратникот Горан Пандев одигра солидно прво полувреме и токму преку Пандев се закани во 8-та минута, а потоа од далечина се обиде и Ибраими.
Словенците во првите 45 минути имаа неколку прилики, но шансата ја искористија во второто полувреме кога Безјак успеа да го совлада Димитриевски и да го постигне голот за првиот триумф на Словенија по трите победи на Македонија во меѓусебните дуели.
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, изјави дека е изненаден од грубата игра на Словенците.
„Ова воопшто не личеше на пријателски натпревар, Словенија одигра прилично грубо. Пандев и Тричковски беа заменети поради повреда, Горан доби лакт и има хематом на главата. Тричковски доби удар во ребрата и пренесен е во болница, а Жута исто така се пожали на повреда“, изјави селекторот по натпреварот.
Македонската репрезентација ќе се ориентира кон следниот дуел на кој Македонија ќе се сретне со репрезентацијата на Бугарија на 29-ти Март на националната арена „Филип Втори“.

Најнови вести